Ракометарите на испит во Солун: Грција е ривал што мора да се почитува

ЕКИПА во Солун,

Стеван Цаневски

Ракометната репрезенација на Македонија денеска и утре во Солун ќе одигра две средби против селекцијата на Грција, во ЕХФ-седмицата како дел од подготовките за ЕП 2024. Селекторот Кире Лазаров го избра токму овој противник како добра солуција на два месеци до ЕП, да се согледа формата на нашиот национален тим, да се увидат грешките и во наредниот период да се работи на нивно отстранување.

Јасно е, барем на хартија нашата репрезентација важи за фаворит и на двете средби, но Грција бележи сериозен развој во изминатите години, крунисан токму со пласманот на ЕП 2024 на кој дел ќе биде и Македонија. Впрочем, македонската репрезентација беше поразена во Грција во периодот кога игравме на највисоко ниво, со Кире Лазаров како капитен и со Раул Гонзалес како селектор на „црвено-жолтите“. Токму пораз на македонската национална селекција е јасно предупредување дека во овој двомеч мора да се влезе максимално фокусирано од почеток до крај и на двете средби во Солун.

„Ќе одиграме два пријателски натпревари против Грција на кои можеме да пробаме одредени работи и да видиме што треба да поправиме за Европското првенство каде не чека тешка група. Играме со противник кој во последните години вложува во ракометот, ќе игра на ЕП 2024 година и притоа има екипи кои играат на европска сцена. Пред нас се два квалитетни нaтпревари, добра шанса да видиме до каде сме за да можеме да се корегираме до почетокот на ЕП во јануари“, изјави Филип Талески, еден од најдобрите ракометари во оваа наша национална селекција.

Се вчитува...