Ракометарите на Младост против Кочани секоја минута постигнувале гол

Миодраг Мицковиќ
Во потрага по највисоките постигнати резултати на ракометните натпревари во Македонија, со помош на документацијата од најдобрите клубови , особено од книгата “30 години ракомет во Македонија“ што ја подготви поранешниот претседател на РСМ Мирко Стојанов, пронајдовме уште неколку неверојатни резултати. Со нив рекордот на мечот Младост /Богданци/ – Борец /Велес/ 54:6/29:0/, барем по постигнатите голови на една екипа, не ќе може да конкурира за македонската книга на Гинисови рекорди.
Не така одамна, на 13 декември 2003 година, за првенство на Супер лигата на Македонија, во Скопје, во салата Автокоманда, Металург ја победи Струмица со 55:14 /29:9/. Судеа Мирчевски и Саздовски. Овој натпревар само со еден повеќе постигнат гол го надмина рекордот на ракометарите на Младост од Богданци. Еве ги составите на двете екипи: Металург: Ристевски, Бетувски, Атанасов, Димитровски 4, Димковски 6, Котевски 2, Лазаров 8, Миркуловски 2, Петровски 4, Миленковски 3, Ѓоргоновски, Наумоски 1, Павловски 22 и Митев 3.
Струмица: Миланов, Кочев 1, Тутаров, Тасев 1, Ф.Лазаров 3, Танчев 3, Тутенкоски 1, Пиличев, Трендафилов, Стојчев, Радмилов.

Рекордот на Игор Павловски

На оваа средба е постигнат нов рекорд за книгата на Гинис по бројот на постигнати голови од еден играч. Досега со 17 голови еден од рекордерите беше Никола Роглев, член на Младост кој на мечот со Борец /54:6/ постигна 15 гола. Но на стредбата Металург-Струмица се прослави со ефикасноста Игор Павловски, кој ја изрешета мрежата на Струмица постигнувајќи неверојатни 22 гола. И тоа за 50 минути бидејќи не играше во првите 10 од мечот. Игор Павловски беше младински репрезентативец на Македонија, играше на Европското пренство во Атина, потоа во квалификациите за ЕП во Португалија. Кога играше за Овче Поле на средбата со ЖАС Гостивар има постигнато 17 гола. Можеби е интересно да се напише дека пред Роглев најмногу голови на еден натпревар има постигнато еден од најдобрите ракометари на Македонија, репрезентативецот Аце Станковски, во дресот на Металург против Борец 1994 година-вкупно 19 гола. Досега во записниците не пронајдовме дека некој има постигнато повеќе голови од Игор Павловски, тој е засега апсолутен рекордер на Македонија по ефикасноста на еден меч.

Металург повторно ефикасен
Колку што повеќе пребаруваме во записниците по одиграните натпревари во Македонија, пронаоѓаме се почесто високи резултати. На 6 март 2004 година, во четвртфиналето за Купот на Македонија, Металург катастрофално ја порази екипата на Паланка од Крива Паланка со 56:19 /26:15/ и за еден гол повеќе го собори рекордот од мечот Металург – Струмица со 55:14 /29:9/. Судеа Слободан Стојчевски и Ласто Трајчев.
Металург: Ристевски, Атанасов, Димитриевски, Павловски 17, Петровски 2, Ѓорчев 8, Наумовски 3, Котевски 4, Новаковски 1, Миркуловски, Ѓоргоновски, Димковски 10, Ф. Лазаров 9, Цуцковски 2.
Паланка: Станковски, Тројановски 3, Миленковски 1, Спасовски, С.Тројановски, Павловски, Т.Павкоски 1, Георгиевски 4, Ивановски 9, Додевски, Јакимовски, Петровски, Стојковски.
Игор Павловски и на овој меч беше ефикасен со 17 постигнати гола.

Ракометарите на Младост се изнадаваа голови
Во сезоната 1977/78 година во Втората лига на Македонија се водеше голема борба за првото место меѓу Младост од Богданци и Партизан од Крива Паланка. Во таа изедачена битка за титулата, одлучуваше и гол разликаката. Тому и затоа на мечот Младост-Кочани беше постигнат неверојатен резултат- 65:15/28:7/ за екипата од Богданци. Да не поверува човек дека може една екипа за 60 минути да постигне толку голови, по еден на секоја минута.
Во тогашниот весник „ Нова Македонија“ ја прочитавме изјавата за овој натпревар на ракометарот Гоце Петрушев, подоцна претседател на клубот Младост Гоце и градоначалник на Богданци.

-Водевме битка за првото место во Втората лига, ни беше потребна и одлична гол разлика, моравме да забележиме висока победа што не беше тешко бидејќи екипата на Кочани беше претпоследна на табелата и сигурно испаѓаше од лигата, затоа допатува во Богданци со подмладен состав. За време на натпреварот нашиот играч Данчо Кузмановски воопшто не се враќаше во одбраната, стоеше на центарот и штом гостите ќе ја загубеа топката, таа беше префрлена до него кој лесно постигнуваше голови, вкупно 17. На овој меч судеа Шчепановиќ и Микиќ.
Младост: Џеков, Пешков, Кузмановски 17, Јанев 8, Георгиев 6, Петрушев 5, Минев 3, Лисичков 9, Јакимовски 3, Поповски 6, Шутарев 4, Б. Тодоров 4, В. Тодоров, Влатко Љушев,
Кочани:Ефтимов, Тодоров, Митев 5, Захариев 3, Тренчев, Павлов 3, Заков 2, Мишев, Јованов, Давитков 2 , Арсов, Стојанов.

Од овој натпревар пронајдов и една избледена фотограафија токму на екипата на Младост која ја објавуваме. Дали резултатот од мечот Младост-Кочани /65:15/ е највисок досега постигнат на ракометните терени во Македонија, ќе продолжиме да пребаруваме. Благодарејќи на нашите читатели имаме информација дека има и повисок.
/Продолжува/

Се вчитува...