Ракометарите на нов испит: Турски печат на пласманот на ЕП

Македонија како лидер на групата влегува во последните две кола од квалификациите за ЕП 2020. Првиот од двата меча нашите ракометари ќе го играат вечерва против селекцијата на Турција, ривал што неочекувано им создаде многу проблеми на нашите репрезентативци на првиот меч во Битола. Токму тој дуел, заедно со неочекуваниот пораз во Кожани од Грција, се јасни предупредувања дека никако не смее да дојде до опуштање во нашите редови.

„Јасно ни е дека улогата на фаворит ни припаѓа нам, квалитетот е на наша страна, но исто така сме и свесни дека борбата се води на терен и таму ќе мораме да го покажеме најдоброто од себе. Го анализиравме противникот, составот е речиси идентичен со исклучок на една промена на голманите. Подготвени сме да ги неутрализираме нивните главни оружја, ме радува што здравствениот билтен во последните денови ни се подобри, па оние играчи кои дојдоа во Турција се максимално подготвени за настап“ – изјави селекторот Данило Брестовац во пресрет на денешниот дуел.

Само за потсетување, Дејан Манасков поради повреда нема да настапи на последните две средби, додека Стоилов ќе игра вечерва, по што ќе замине на операција и ќе го пропушти неделниот дуел со Грција што ќе се игра во Струмица.

Македонија во првиот натпревар славеше на домашен терен над Турција со 31-27. Кире Лазаров со осум и Дејан Манасков со шест гола беа најефикасни во нашиот табор на тој меч, додека Бичер беше прв стрелец на турскиот состав со шест погодоци.

Се вчитува...