Ракометната репрезентација на Македонија денеска излегува на мегдан со селекцијата на Јапонија, како дел од подготовките за претстојниот европски шампионат што во јануари 2016 ќе го играме во Хернинг, Данска.
Селекторот Лазаров беше во потрага по ривал што игра брз, експлозивен ракомет, изборот падна на „самураите“ од Азија, па интересно ќе биде да се проследи како ќе изгледа нашата игра против една ваква селекција.
Според договорот на двајцата селектори, денешниот меч во салата „Автокоманда“ ќе биде од затворен карактер и ќе се игра без присуство на публика во салата „Автокоманда“ во Скопје.
„Натпреварот со Јапонија го договоривме уште во текот на летото. Тони Џирона е селектор на оваа селекција, која негува брз, динамичен и интересен стил на игра. Овие два меча ќе ги искористиме за пробување нови варијанти и подобрување на одредени сегменти во нашата игра. Имаме добра можност за подобрување на некои варијанти во играта, кои можеме понатаму да ги искористиме на големите натпреварувања. Јапонија е противник по мерка за нас, знаеме на што треба да внимаваме против нив. Тие се брза и тркачка репрезентација која учествуваше на Олимписките игри. Тоа е сериозно ниво. Ние треба да го следиме трендот на брза игра и да се адаптираме на новините во светскиот ракомет. Ќе им дадеме шанса на некои помлади играчи со голем потенцијал. Максимално ќе ги искористиме овие 5-6 дена, ќе одработиме пет тренинзи со полесен интензитет. Ќе се фокусираме на детали што можат да ни бидат од корист во иднина“, изјави селекторот Кире Лазаров во пресрет на двомечот со Јапонците.
Вториот дуел од овој двомеч ќе се игра со присуство на публика в сабота, во Куманово со почеток во 16 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

