Ракометарите на тест: Австрија е идеално загревање за баражот

Ракометната репрезентација на Македонија вечерва во 18 часот во Брегенц ќе излезе на мегдан со селекцијата на Австрија, како генерална проба пред клучниот бараж за пласман на СП 2027 во кој „црвено-жолтите“ најверојатно ќе се сретнат со Словачка.

Селекторот Кире Лазаров се реши за комбиниран состав давајќи им заслужен одмор на дел од поискусните ракометари, што ќе значи шанса за докажување за неколку играчи кои досега немаа преголема улога во националниот тим.

Лазаров гледа со огромен респект на противникот кој е редовен учесник на големите натпреврувања и според нашиот селектор е идеален ривал за „загревање“ за мајскиот бараж.

„По квалитетниот настап на ЕП, ќе имаме шанса малку порелаксирано нешто да направиме, она што го имаме како база да го надоградиме, и да пробаме некои играчи кои во иднина би можеле да придонесат во репрезентацијата. Играме против еден квалитетен и сериозен противник. Резултатски секако дека не сакаме да загубиме, нормално сакаме да победиме, но нема да биде во прв план резултатот. Ќе видиме некои работи кои би можеле да ги искористиме во баражот во мај, и најважно е добро да се подготвиме. Репрезентацијата во секој момент мора да проба некој играч, за да видиме дали ќе може да го користиме во иднина на големи натпреварување со силни противници, и да видиме каква е моменталната состојба. Во секој случај ќе одиграме еден добар натпревар на гостински терен, затоа што првиот бараж ќе ни биде на гости. Австрија на многу посилни репрезентации од нас им направи проблеми и на ЕП, и на минатото СП. Одиграа добро против Германија и Србија“, изјави Лазаров.

Се вчитува...