Ракометната репрезентација на Македонија од денеска се сели во Хернинг, градот каде што нашите ракометари ќе бидат сместени и ќе ги играат натпреврите од првата групна фаза од ЕП 2026.
По првата фаза подготовки во Скопје и во Пореч, нашиот национален тим на почетокот од годинава тренираше во главниот град, потоа замина за Швајцарија, каде по настапот на „Жолтиот куп“ во Винтертур отпатува директно за Данска, тренираше неколку дена во Силкеборг, за од денеска да се пресели во градот-домаќин на групата во која наши ривали се уште и домаќинот Данска, Португалија и Романија.
За попладнево е закажана финалната контрола против данскиот суперлигаш Митјиланд, која ќе биде последна можност за воигрување пред клучните предизвици. „Црвено-жолтите“ имаат зад себе успешни подготовки, селекторот Лазаров стори се за да ја темпира формата и врвот да го достигнеме токму за најважните битки за пласманот во следната фаза.
Македонија во првото коло од ЕП 2026 се среќава со домаќинот Данска, меч закажан за 16 јануари со почеток во 20.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

