Ракометарите против Кореја за добар крај на шампионатот за заборав

Ракометната репрезентација на Македонија денеска против Јужна Кореја ќе се бори за 27. место на Светското првенство во Полска и Шведска. Иако овој меч нема некое големо значење од голема важност ќе биде за самодовербата на младата репрезентација која треба да се гради во иднина.

По катастрофалниот настап на групата во Краков и убедливите порази од Норвешка, Холандија и Аргентина, избраниците на Кирил Лазаров во „Президент купот“ го поправија впечатокот со убедливите победи над Алжир и Мароко.

Иако овие две репрезентации не се на нивото на најдобрите ракометни нации во светот, сепак дел од младите играчи покажаа дека треба да добиваат поголема шанса на сметка на искусните кои единствено го почнаа натпреварот со Тунис на кој бевме поразени и ни се случи истото како и на мечевите од првата групна фаза.

Корејците исто како и нас завршија на втората позиција во групата 1 во „Президент купот“ зад репрезентацијата на Чиле. Натпреварот кој ќе се игра во арената во „Плоцк“ е со почеток во 18 часот.

Се вчитува...