Ракометарите против Швајцарија за освојување на „Жолтиот куп“ во Винтертур

Ракометната репрезентација на Македонија продолжува со одлични игри на последниот подготвителен турнир пред Европското првенство 2026. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров го освоија максимумот по две кола на „Жолтиот куп“ во Винтертур, Швајцарија, откако забележаа убедливи победи над Бахреин и Украина.

Во првиот натпревар Македонија ја совлада селекцијата на Бахреин со 32-28, покажувајќи карактер во вториот дел кога успеа да ја врати и одржи предноста дури и кога противникот успеа привремено да поведе. Ден подоцна следуваше уште посериозен тест  натпревар против Украина. На полувреме македонските ракометари заостануваа со 13-17, но во вториот дел одиграа фантастично. Со фуриозна серија и одлична одбрана триумфираа со 31-26.

Македонија денеска во 17.45 часот ќе одигра натпревар за пехарот против домаќинот Швајцарија. Двата тима се единствените со максимален учинок по двете кола, па дуелот во Винтертур ќе биде вистинско финале за првото место на 52. издание на „Жолтиот куп“.

Овој турнир претставува последен тест за „црвено-жолтите“ пред стартот на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка, каде Македонија на 16 јануари ќе го отвори настапот против домаќинот Данска, а потоа следуваат дуели со Португалија и Романија.

Се вчитува...