Ракометарите со минимална победа на „генералката“ пред СП

Ракометна репрезентација на Македонија триумфираше на последниот контролен натпревар што избраниците на Кире Лазаров го играа во пресрет на СП 2025, во кој нашите најдобри ракометари за противник ја имаа африканската селекција Зеленортски Острови. Дуелот мина во израмнета игра на двете страни, а поумешни во клучните моменти беа македонските ракометари, кои заслужено славеа со минимални 27-26.

Селекторот Лазаров очекувано криеше дел од адутите и од тактиката на неколку дена пред почетокот на СП во Вараждин, па „црвено-жолтите“ не можеа целосно да се одлепат и порано да го решат победникот. Зеленортските Острови по првиот дел дури и имаа минимално водство од 14-15, африканските ракометари беа максимално мотивирани за докажување и триумф против нашата селекција, но Македонија сепак стигна до предност и триумф од конечни 27-26.

Ова беше последен пријателски натпревар што Македонија го одигра како дел од овие подготовки, а во стручниот штаб и меѓу ракометарите владее позитивна атмосфера и оптимизам пред предизвиците што ќе ги очекуваат во Вараждин.

За потсетување, Македонија својот прв меч на Мндијалот го игра в среда со почеток во 20.30 часот, а за противник ќе ја имаме селекцијата на Швајцарија.

Се вчитува...