Ракометната репрезентација на Македонија денеска отпатува за Словенија, каде под водство на селекторот Данило Брестовац ќе ги одработи последните подготовки за европскиот шампионат што стартува за седум дена во Австрија, Норвешка и Шведска. Брестовац инсистираше најискусните ракометари да се приклучат токму од оваа фаза, п денешниот собир е прв во кој „црвено-жолтите“ ќе бидат комплетни, предводени од капитенот Лазаров, првиот голман Ристовски, потоа Стоилов, Манасков, „бундеслигашите“ Талески, Кузмановки, Пешевски…
Планирано е да се одржат два тренинзи до првиот контролен натпревар, што Македонија утре ќе го одигра против селекцијата на Словенија предводена од новиот селектор Љубомир Врањеш. Потоа „црвено-жолтите“ ќе одиграат уште еден пријателски меч во Словенија, противник ќе им биде Црна Гора, што воедно ќе биде и „генералка“ за настапите на европскиот шампионат.
Македонските ракометари ќе отпатуваат за Виена на 9 јануари, а еден ден подоцна во австриската метропола ќе го играат премиерниот меч на ЕП 2020, против репрезентацијата на Украина. Противник на „црвено-жолтите“ во второто коло на 12 јануари ќе биде Чешка, а групната фаза ќе ја завршиме со пресметка против домаќинот Австрија на 14 јануари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

