Ракометарите во нов предизвик: Триумф во Литванија широко ги отвора вратите кон ново ЕП

Ракометната репрезентација на Македонија денеска во 17 часот гостува на селекцијата на Литванија, во рамките од второто коло од квалификациите за ЕП 2026.

До триумф над Естонија беше дојдено многу потешко од очекувањата, но токму тие осцилации во играта се она што селекторот Кире Лазаров ќе се обиде да го сведе на минимум бидејќи јасно е дека денеска задачата ќе биде многу, многу потешка. Литванците во првото коло загубија во Словенија со 11 гола разлика, но во првото полувреме целосно му парираа на фаворитот, покажувајќи дека имаат квалитет за да изненадат ако им се укаже шанса.

Математиката е јасна, со две победи во овие две средби Македонија широко би си ги отворила вратите кон уште едно големо натпреварување, што ќе биде дополнителен мотив за денеска да се стигне до позитивен резултат. Сепак, селекторот Лазаров предупредува дека мора да се одигра на највисоко ниво ако се сака да се стигне до триумф.

„Очекувам тежок натпревар. Како национален тим никогаш немаме победено со оваа селекција. За да победиш на гостински терен навистина треба да одиграш квалитетен натпревар. Верувам во тимот дека ќе биде на ниво. Мораме да бидеме константни во сите 60 минути доколку сакаме позитивен резултат. Во секој момент треба да имаме контрола на натпреварот и да знаеме и да препознаваме ситуации кои би не однеле до позитивен резултат“, изјави Кире Лазаров.

Се вчитува...