Исто место, исти репрезентации, една година подоцна… На македонските ракометари, Чешка им доаѓа како судбина во уште еден решавачки дуел, овој пат за пласман на ЕП 2018 во Хрватска.
Машката ракометна репрезентација на Македонија вечерва (20.45 ч.) во ВИП Арената „Борис Трајковски“ ја пречекува селекцијата на Чешка во последниот натпревар од квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска. За Македонија решавачки за да го обезбеди вкупно петото учество на континенталните шампионати или четврто во серија, по настапот на ЕП 2012 во Србија, ЕП 2104 во Данска и ЕП 2016 во Полска.
Со нерешениот резултат во претходниот натпревар, на гостувањето во Украина (27-27), Македонија ја испушти првата меч топка за пласман на ЕП во Хрватска. Втората и последна шанса и следниот јануари да бидат дел од европската ракометна елита, македонските ракометари ја имаат вечерва пред својата публика. На Македонија и треба победа во овој дуел со Чешка, за пласман на ЕП во Хрватска и за прво место во групата што носи привилегирана позиција меѓу носителите во првиот или во вториот шешир во ждрепката за ЕП. Во компликуваните математики, Македонија може да помине и со нерешено, но победа е единствената сигурна варијанта.
„Не знам како, но мора да бидеме подобри од Чешка. Со вистинска мотивација и со поддршка од гледачите, да ја пронајдеме нашата игра. Ни треба помош од публиката затоа што не очекува тежок натпревар. Треба да го заборавиме тој претходен натпревар со Чешка, бидејќи играчите се различни, а различен е и пристапот. Мора да се фокусираме на тоа како одиграа тие против Исланд“ – истакнува селекторот на македонската репрезентација, Раул Гонзалес.
На првиот натпревар од овој квалификациски циклус, македонската репрезентација тогаш под водство на претходниот селектор, Лино Червар, во Плзен беше поразена со 35-28. Но, на домашен терен и играта и резултатите се на страна на „црвено-жолтите“. Во претходните два циклуси, Македонија со победа на домашен терен на два пати ја исфрлаше Чешка од игра. На 14 јуни 2015, Македонија во „Борис Трајковски“ ја победи Чешка со 32-28 и го потврди пласманот на ЕП 2016 во Полска. Една година подоцна на 15 јуни 2016, на исто место со истиот противник резултатот беше 34-37 и Македонија со еден гол повеќе беше победник во баражот и се пласира на СП 2017 во Франција. Токму овој пораз и најмногу ги боли Чесите и токму поради тоа денеска се враќаат во Скопје по одмазда.
На овој 18 јуни 2017 година, на Македонија повторно и треба победа во скопската арена. Чешка овој пат е во поповолна позиција со математички обезбеден пласман на ЕП, дури и во случај на пораз кога на ЕП во Хрватска би отишле како најдобра третопласирана репрезентација во овој квалификациски циклус.
„Тоа е добра мотивација, но не може да биде примарна. Момците имаат желба да одиграат добар натпревар, како што беше оној што го одигравме против Македонија на домашен терен. Тоа што се случи лани во Скопје за нас е минато. Ние сега мора да гледаме во иднината. Но, јас се согласувам дека овој натпревар за нас емотивно е малку поинаков“ – вели поранешниот чешки репрезентативец Карел Ночар, сега во улога на главен менаџер на националниот тим.
Но, емотивен набој има и во македонската репрезентација посебно кога игра пред својата навивачка„Фаланга“. Влезниците за вечерашниот меч се веќе одамна распродадени и трибините во ВИП Арената „Борис Трајковски“ и овој пат ќе бидат исполнети до последното место. А, македонските ракометари пред својата публика ретко губат. Или поточно, во квалификациските циклуси за ЕП и СП во последните четири години, македонската репрезентација на домашен терен има само два порази – од Шпанија и од Франција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА