Ракометарките денеска ги добиваат противниците за Европското првенство 2022

Женската ракометна репрезентација на Македонија по пауза од една деценија се враќа на големите собири, откако на крајот на годинава заедно со Црна Гора и Словенија ќе биде домаќин на Европското првенство.

Денешната ждрепка во Љубљана ќе ги даде противниците на нашата селекција во групата Ц која ќе се игра во Скопје. Селекторот на „црвено-жолтите“, Љубомир Савевски вели дека иако сите говорат дека Полска и Швајцарија се најповолните противници кои можеме да ги добиеме, на овој шампионат нема слаби репрезентации.

„Сите велат дека најповолно за нас ќе биде да ги извлечеме Полска и Швајцарија. Сепак, желби се посакуваат за Нова година. Ова е првенство со 16 најквалитетни репрезентации од целиот континент и едноставно не може да ви се падне слаб противник. Да точно е дека Полска и Швајцарија се за нијанса послаби репрезентации од сите други, но сепак и тие имаат голем број квалитетни ракометарки кои играат во најдобрите европски тимови. Наша цел е добро да се подготвиме за шампионатот и да се прикажеме во најдобро светло пред македонската публика“, изјави Савевски. 

Ждрепката за Европското првенство 2022 година во Македонија, Црна Гора и Словенија е денеска со почеток во 17 часот.

ШЕШИРИ НА ЖДРЕПКАТА ЗА ЕП 2022:

1. Шешир: Норвешка, Франција, Данска, Холандија

2. Шешир: Црна Гора (Д група), Шведска, Унгарија (А група), Полска

3. Шешир: МАКЕДОНИЈА (Ц ГРУПА), Словенија (Б група), Хрватска, Германија

4. Шешир: Шпанија, Романија, Србија, Швајцарија

Се вчитува...