Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби од Словенија со 29-30, во натпреварот за 3.место и за малку остана без медал на Медитеранските игри во Тарагона. Иако настапија без капитенката Елена Ѓоргиевска која го повреди рамото во полуфиналниот дуел со Шпанија, македонските ракометарки пружија достоен отпор и прикажаа максимална борбеност. Иако на крај останаа без медал, сепак ова е историски настап и најголем успех на женската ракометна репрезентација во овој состав, во последниве пет години.
Првото полувреме во поголем дел мина во изедначена игра. Словенките на неколку пати доаѓаа на два гола предност (10-12, 12-14), но Македонија успеваше да стигне и да изедначи. На полувремето Словенија замина со водство од 18-16.
Избраничките на селекторот Симе Симовски максимално мотивирано влегоа во вториот дел, постигнаа четири гола во серија и поведоа со 20-18. По девет минути игра во второто полувреме, Македонија прв пат дојде и до +3 (22-19, а потоа и 23-20).
По фуриозниот почеток, следуваше мала деконцентрација што им овозможи на Словенките да изедначат на 23-23 и да се вратат во игра на стартот од последната четвртина. Изедначено и неизвесно, со игра гол за гол беше и во продолжението. на пет минути пред крај Словенките успеаја повторно да дојдат на два гола предност (26-28), ја сочуваа позитивата до крај и славеа победа за бронза на Медитеранските игри. Македонските ракометарки се бореа достојно до крај, но во финишот немаа сили за нов пресврт и за историскиот прв медал од кој ги делеше еден гол.
Во финалето на Медитеранските игри вечерва за титулата ќе се борат селекциите на домаќинот Шпанија и на Црна Гора.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА