Женската ракометна репрезентација на Македонија утре ќе го дознае името на противникот за баражот за пласман на СП 2023 што ќе се одржи во Данска, Шведска и во Норвешка од 30 ноември до 17 декември следната година. Учеството на ЕП 2022 ја носи Македонија во поволна позиција бидејќи нашата селекција конечно ќе ја има улогата на носител во ждрепката, што ќе донесе и далеку послаб противник од оние со кои нашите ракометарки се среќаваа во последните години во бараж-дуелите.
Директен пласман на СП 2023 имаат трите земји домаќини (Данска, Шведска и Норвешка), како и трите останати селекции покрај нив со најдобар пласман на ЕП 2022 (Црна Гора, Франција и Холандија).
Македонија нема да може да се сретне со Шпанија, Романија, Унгарија, Словенија, Хрватска, Германија, Србија, Полска и со Швајцарија, а наш ривал во баражот ќе биде една од следните селекции: Чешка, Австрија, Словачка, Украина, Португалија, Косово, Исланд, Италија, Грција, Турција
Барем на хартија, најдобро ќе биде за ривал да ги добиеме Косово, Грција или Италија, но јасно е дека клучно ќе биде Македонија да одигра на високо ниво во овој двомеч, за по долга пауза повторно да се најде и на еден светски шампионат во женска категорија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА