Ракометарките го победија Египет и го заверија полуфиналето во Тарагона

Женската ракометна репрезентација на Македонија во победнички ритам го очекува полуфиналето на Медитеранските игри во Тарагона. Во последниот натпревар во Групата Б, македонските ракометарки беа супериорни против Египет (26-21) и со третата победа во четвртиот натпревар, го заверија пласманот меѓу четирите најдобри.

Иако веќе имаа обезбедено место во завршницата на Игрите, избраничките на селекторот Симе Симовски максимално мотивирано влегоа и во дуелот со Египет, решени да ја искористат својата шанса и да додадат уште една победа во извонредниот настап на Медитеранските игри. Уште од почетокот на натпреварот ја презедоа иницијативата и од минута во минута ја зголемуваа предноста.

Почетното водство од 4-2 беше само најава кој ќе го диктира темпото на овој меч. На крајот од првата четвртина макеоднските ракометарки имаа предност од 11-5, во завршните десет минути од првиот дел, стигнаа и до највисоки +8 (14-6, 15-7), а на одмор заминаа со сигурна предност од 15-8.

Во вториот дел, македонската репрезентација рутински го одржуваше водството, стигнувајќи повторно до највисоката предност од осум гола разлика во 38.минута кога поведоа со 18-10. Победата на Македонија во ниеден момент не беше доведена во прашање и на крај заслужено славеа.

Елена Ѓоргиевска, Дајана Јовановска и Јована Саздовска  постигнаа по четир, а Марија Николиќ додаде три гола во победата на Македонија. Јасмин Мохамед со шест гола беше најефикасна во составот на Египет.

Во полуфиналето на Медитеранските игри, утре, Македонија ќе игра против селекцијата на Шпанија која заврши на првото место во Групата А. Во второто полуфинале ќе играат селекциите на Црна Гора и на Словенија.

Се вчитува...