Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби од Украина со 22-24 во првиот натпревар од бараж двомечот за пласман на Светското првенство кое на крајот на годинава ќе се игра во Данска, Норвешка и Шведска.
Како почна натпреварот, на крајот мора да бидеме задоволни од резултатот бидејќи во еден момент имавме негатива и од осум гола (5-13). Уште во првиот напад на Украинките, Сања Дабевска во нејзин стил одигра премногу агресивно по што доби исклучување, а Украина шутираше пенал. За среќа Македонија на голот ја има неверојатната Јована Мицевска која успеа да го одбрани пеналот и да ја крене атмосферата во „Борис Трајковски“ уште на самиот старт на натпреварот.
Како и многу пати досега повратничката Елена Ѓоргиеска правеше голем број грешки во нападот, па по пет минути игра ние се уште бевме без постигнат гол (0-3). Првиот гол Македонија го постигна од пенал преку Сара Ристовска во шестата минута од натпреварот намалувајќи на 1-3. Продолжи нашата катастрофална игра во нападот, што Украина и тоа како го искористи за по десет минути да стигне и до највисоките плус четири (2-6), а селекторот Савевски го побара првиот тајм-аут. Ниту едноминутната пауза не вроди со плод. Украина продолжи да го полни нашиот гол па во 13. минута веќе беше и 2-9.
По неколку минути во кои успевавме да ја задржиме оваа негатива, Украинките во 25. минута стигнаа до највисоките плус осум (5-13). До крајот на првото полувреме избраничките на Љубомир Савевски успеаја да намалат на шест гола разлика и на пауза да заминат со негатива од 8-14.
На изненадување на целата сала во вториот дел излезе една нова Македонија. Пет минути не му дозволија на протиникот да постигне гол и со серија од 3-0 во 35. минута стигнаа до негатива од само мину стри (11-14). Украинките продолжија да промашуваат зицери па во 38. минута со голот на Ристовска од пенал по долго време успеавме да дојде до само минус два (13-15), по што селекторот на гостинките мораше да побара тајм-аут. Ниту паузата не ги извади од ритам нашите ракометарки кои со голот на младата Коцева во 42. минута дојдоа на само минус еден (15-16). Следеше уште една одлично одиграна одбрана, а со голот на Сара Ристовска во 44. минута Македонија стигна до израмнување 16-16.
Следеше едно во најмала рака сомнително исклучување за Џатевска по кое Украина постигна три гола и повторно се одлепи (16-19). Во следниот период во неколку наврати успевавме да стигнеме до само мину еден, но на шест минути до крајот Украина имаше предност од (20-22), по што селекторот Савевски се одлучи да повика нов тајм-аут.
Имавме голема шанса да се вратиме повторно на минус еден, но Ристовска од пенал ја погоди во глава голманката на Украинките, по што според новите правила доби директен црвен картон. До крајот Украинките успеаја да ја задржат предноста од плус два и да стигнат до конечен триумф од 22-24.
Сара Ристовска со осум гола беше убедливо најдобриот поединец во таборот на Македонија, додека кај Украинките Маркевич, Смбатиан и Левченко постигнаа по пет гола.
Реваншот кој ќе се игра на неутрален терен во унгарска Кишварда е закажан за 11. април (вторник).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА