Ракометарките ја совладаа Турција на турнирот во Анкара

Женската ракометна репрезентација на Македонија започна со победа на меѓународниот пријателски турнир во Анкара, откако вечерва со 29-26 (12-12) го совлада домаќинот Турција.

Првото полувреме помина во целосна рамноправност, двете екипи играа гол за гол, а на пауза се замина со 12-12. Сепак, во вториот дел Македонија покажа поголема зрелост и подобра организација во играта. Избраничките на селекторот Грчевски влегоа пожестоко во второто полувреме и на десетина минути до крајот имаа предност од 24-22.Турција во финишот се обиде со жесток притисок да го преслика резултатот, но македонските ракометарки одлично се бранеа и трпеливо ги казнуваа грешките на домаќинот, па на крајот заслужено стигнаа до триумф од 29-26.

Најефикасна во македонскиот тим беше Ризоска со импресивни 11 голови, додека Седлоска додаде 5 погодоци. Утре (6 декември) Македонија ќе ја одмери силата со Словенија, натпреварот е закажан за 12 часот, додека во недела (7 декември) од 10 часот следува дуелот против Словачка.

Се вчитува...