Женската ракометна репрезентација на Македонија во комплетен состав го одработе вечерниот тренинг во СЦ „Јане Сандански“. Пристигнаа интернационалките и повратничката во националниот состав, Мирјета Бајрамовска, како засилување за претстојниот бараж за СП 2017 против Шведска.
Утре наутро, репрезентативките заминуваат за Анталија, Турција каде ќе настапат на подготвителниот меѓународен турнир што ќе им биде генерална проверка пред баражот со Шведска за пласман на СП 20017.
На турнирот во Анталија, македонската репрезентација ќе одигра три натпревари, со домаќинот Турција, Русија и со Литванија.
„Овој подготвителен турнир добро ќе ни дојде во подготовките пред баражот со Шведска. Играме со три квалитетни репрезентации, посебно Русија која е селекција од европскиот врв. За нас тоа ќе биде добра проверка да видиме до каде сме и што сме направиле изминативе неколку месеци. Со доаѓањето на Бајрамовска репрезентацијата добива на искуство и квалитет, посебно во нападот. Но, ќе треба малку време и за неа и за остатокот од тимот да се воиграме што подобро пред натпреварите со Шведска. Акцентот во секој случај останува на добра тимска игра“ – истакнува селекторот Симе Симовски.
Од поширокиот состав од 23 ракометари, во Турција ќе патуваат 17. Поради повреда во составот ја нема Зорица Десподовска, а на турнирот во Анталија нема да патуваат и Ангела Тодоровска, Маја Трпковска, Александра Боризовска и Стефанија Мишевска.
На подготвителниот турнир во турција, ракометарките ќе бидат до 4 јуни. Првиот натпревар од баражот со Шведска е на 10 јуни во Скопје, а реваншот ќе се одигра на 13 јуни во Истад. Победникот во баражот обебзедува место на СП 2017 во Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА