Женската ракометна репрезентација денеска гостува на Словенија (18 часот) во последното коло од квалификациите за ЕП 2026, во обид да се стигне до билет за третиот европски шампионат во низа за нашата национална селекција. Предизвикот е огромен, Словенките важат за фаворитки, особено ако се знае дека на првиот меч славеа среде Македонија со 20-28, но нашите ракометарки се максимално мотивирани за токму денеска да го одиграат својот најдобар меч во овие квалификации.
Според пропозициите на ЕХФ, сите натпревари од ова последно коло се играат во ист термин во 18 часот. Покрај двете најдобри од секоја група, пласман на ЕП ќе обезбедат и четирите најдобри третопласирани репрезентации, но во мини-табела во која ќе се избришат резултатите со последните селекции во групите.
Во таква ситуација, сигурна на ЕП од третопласираните е Португалија, со убедливо најлоша гол-разлика е Италија, па Македонија во ова последно коло ќе води битка за преостанатите три места со Украина, Грција и со Финска.
Практично, ова значи дека победа или реми ја носат Македонија на европското првенство, но до билет за ЕП можеме да стигнеме и со пораз, бидејќи се огромни шансите гол-разлиакта да игра клучна улога. Токму поради тоа, неопходно ќе биде да се одигра максимално фокусирано до последната, за дури и во случај на пораз истиот да биде што понеубедлив.
„Мора да играме агресивно, да се бориме за секоја топка и да останеме фокусирани до самиот крај. Сè уште имаме шанса да се квалификуваме за Европското првенство, што го прави секој гол исклучително важен за нас. Верувам дека со срце, карактер и тимски дух, можеме да постигнеме резултат што ќе ни значи многу“, изјави Ивана Гакидова.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

