Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби од Турција so 29-38 (16-20), во последниот трет натпревар на подготвителниот турнир во Анталија. За македонските ракометарки ова беше втор пораз на турнирот. На стартот избраничките на селекторот Симе Симовски беа поразени од Русија (29-35), а единствената победа ја забележаа во вториот меч против Литванија (31-24).
Во поголемиот дел од првото полувреме двете репрезентации беа изедначени, домашната репрезентација одржуваше минимална предност, но макеоднските ракометарки држеа чекор се до 22.минута, кога Турција постигна четири гола во серија и прв пат се одлепи поведувајќи со 17-14. „Црвено-жолтите“ се обидуваа да се вратат во ритам, но не успеваа да ја анулираат негативата и на полувремето Турција имаше предност од 20-16.
Офанзивата на турската репрезентација продолжи и на стартот од второто полувреме кога брзо постигнаа уште два гола и ја зголемија позитивата на +6 (22-16). И во продолжението домашната селекција ја задржа контролата на играта и на резултатот. Во последните десет минути од натпреварот, Турција влезе со предност од 31-23 и ја осигура втората победа на овој турнир. Осумте гола негатива беа недостижни за македонските ракометарки во оваа последен настап на турнирот во Анталија кој е во склоп на подготовките на Македонија пред претстојниот бараж за СП 2017 против Шведска, на 10 и на 13 јуни.
Мирјета Бајрамовска одново го предводеше нападот на македонската репрезентација со пет гола. Исто толку погодоци постигна и десното крило Сара Ристовска. По четири гола во макеоднскиот состав запишаа Елена Ѓоргиевска, Елена Ливриниќ и Јована Саздовска. Во репрезентацијата на Турција најефикасна беше искусната Јелиз Озел со шест гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА