Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска ја очекува најголемиот предизвик во решавачкиот натпревар против селекцијата на Исланд. Натпреварот што се игра денеска со почеток во 18 часот во СЦ „Борис Трајковски“ директно ќе одлучува за првото место во нашата квалификациска група кое носи пласман во јунскиот бараж за СП 2019 во Јапонија.
Високата победа, ефикасноста и дисциплината во вчерашниот дуел против Азербејџан (41-22) носат дополнителна самодоверба во табор. Но, сите се свесни дека денеска против себе имаат многу посилен противник и ги очекува еден многу поинаков дуел од вчерашниот против асутсајдерот Азаербејџан.
„Против Исланд ќе биде многу поинаку. Исланд е противник од поинаков ранг, многу напредуваат како репрезентација. Се виде тоа и на вчерашниот дуел со Турција, постигнаа многу голови, физички се добро подготвени, брзи се на контра и полуконтра. Имаат одличен пикер кој игра добро и во одбрана и во напад. Агресивни се во одбраната, играат 5-1, а повремено излегуваат и со две ракометарки напред. И тука ќе треба да одиграме посебно внимателно и да одговориме на таквата поставеност. Утрово имавме тренинг и работевме токму на тие неколку елементи во играта. Ако сме дисциплинирани, верувам дека ќе успееме. резултат ќе имаме само ако одиграме добро“ – истакнува македонскиот селектор, Симе Симовски.
Репрезентацијата на Исланд во квалификациите стартуваше исто така со убедлива победа против Турција (36-23) и со Македонија се директни ривали за првото место во групата. Пикерот на дански Есберг, Арна Палсдотир беше ударна сила во нападот на Исланд на овој меч со осум гола, а голема опасност за противничкиот гол беше и десното крило, Тори Стефансдотир.
Во последното коло во групата, утре Македонија ќе игра со Турција, а на Исланд му останува дуелот со Азербејџан. Пласман во баражот за СП 2019 обезбедуваат сите првоплсирани и најдобрата втора репрезентација од сите четири квалификациски групи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА