Ракометарките против Шпанија за проверка на можностите на оваа генерација

Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска на домашен терен ќе ја пречека Шпанија во натпревар од 3. коло од квалификациите за пласман на Европското првенство кое на крајот на годината ќе се игра во Швајцарија, Австрија и Унгарија.

По воведните две победи над Литванија и Азербејџан нашите ракометарки се на чекор до пласман на нов континентален собир, па затоа мечевите со големиот фаворит треба да бидат само проверка на можностите на оваа генерација.

Капитенот на репрезентацијата Елена Ѓоргиевска пред овој меч вели дека Шпанија е одлична шанса да видат колку напредувале.

„Конечно по подолга пауза имаме собир и едвај ги очекуваме мечевите. Имаме два натпревари против Шпанија во кои може да видиме колку сме напредувале и ветуваме дека ќе дадеме максимум. Атмосферата во репрезентацијата е позитивна и тоа е најважно“, изјави Ѓоргиевска. 

Голманот на репрезентацијата на Македонија, Јована Мицевска вели дека Шпанија е фаворит во групата, но дека таа и соиграчките ќе го дадат максимумот.

 „Играме со репрезентација која е велесила. Свесни сме дека Шпанија е фавортитот во нашата група и ќе ни биде чест и задоволство да играме против нив затоа што знаеме дека играат квалитетен ракомет. Изминатиот период бевме во комуникација со стручниот тим, имавме задача да ги анализираме колку што можеме и веќе подготвени да дојдеме на овој собир. Ни останува уште сите заедно да го подготвиме тактичкиот дел. Верувам во борба и добра игра на нашата репрезентација, а јас само можам дека ќе дадеме се од себе за поволен резултат“, изјави Мицевска. 

Мечот кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје е со почеток во 18 часот.

Се вчитува...