Ракометарките против Украина бркаат мундијалски настап

Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска на домашен терен ќе ја пречека Украина во првиот натпревар од бараж двомечот за пласман на Светското првенство кое на крајот на годината ќе се игра во Данска, Норвешка и Шведска.

Селекторот на Македонија, Љубомир Савевски пред натпреварот вели дека Украина е мал фаворит, но со помош на публиката во Скопје се надева дека по враќањето на Европските шампионати, Македонија ќе биде дел и од Мундијалот.

„Според европските анализи Украина е мал фаворит во овој двомеч, но ние не смееме да се жалиме. Украина е ривал по мерка за враќање на репрезентацијата на Светските првенства. Иако има квалитетни ракометарки, не е репрезентација која во моментов се наоѓа во самиот европски и светски крем. Се надевам дека со помош на македонската публика ќе славиме на првиот меч во Скопје и дека тоа ќе ни даде ветер во грб и за реваншот. Верувам дека Македонија по долга пауза може да се врати и на Светските првенства“, изјави Савевски.

Една од најискусните во репрезентација Леонида Гичевска пред дуелот вели дека клучот за победа ќе биде играта во одбрана.

„Атмосферата во репрезентацијата е работна како за пред квалификациски натпревари. Нормално дека сите ние сакаме и очекуваме да победиме бидејќи и самите посакувавме противник како Украина, па затоа треба тоа да го искористиме. Пред се за да победиш било кој противник треба да бидеш барем просечен во одбраната, а најдобро е да бидеме одлични. Да ги спречиме нивните најопасни играчи и со тоа да помогнеме за добар ден на голманите. Од тука ќе можеме да извлечеме и брзи контри за крилата и добри полуконтри за нас бековите. Во нападот мора да играме смирено и организирано и нашите завршници да бидат преку нивните најслаби одбранбени играчи. Репрезентацијата на Украина не е за потценување, напротив имаа квалитетни ракометарки кои играат во силните првенства. Но, ако ние играма како што знаеме можеме да се пласираме на Светско првенство за кое сонуваме, а со тоа и да го прекинеме постот кој трае од 2007 година“, изјави Гичевска.

Натпреварот кој ќе се игра во СЦ Борис Трајковски во Скопје е со почеток во 19 часот. Реваншот е закажан за 11. април, а ќе се игра на неутрален терен во унгарска Кишварда.

Се вчитува...