Женската ракометна репрезентација на Македонија викендов во редуциран, а од денеска во комплетен состав, се подготува за двата дуели со Фарски Острови во квалификациите за ЕП 2018 во Франција. Селекторот Симе Симовски за овој двомеч повика 16 репрезентативки. На денешниот утрински тренинг недостасуваа интернационалките Елена Ѓоргиевска, Драгана Петковска и Наташа Нолевска, кои треба да пристигнат во текот на денот и да и се приклучат на репрезентацијата на попладневниот тренинг во „Кале“.
Во репрезентативниот состав се враќа бекот Марија Штериова, а во однос на претходниот циклус, ново име е и Моника Јанеска.
„Добро е концептот со младите играчи, но добро е и кога може тоа да се надополни и со потенцијалот на поискусните репрезентативки. Со враќањето на Мирјета Бајрамовска и сега на Марија Штериова добиваме на искуство. На овие четири тренинзи што ги имавме викендов добро функциониравме. Нашиот проблем е што на репрезентативките им недостасуваат силни натпревари. Тие што се овде, на силните натпревари се претежно на клупа, а тие што играат во странство имаат мала минутаж во своите клубови“ – истакнува селекторот Симе Симовски.
Новина има и во стручниот штаб на репрезентацијата се приклучува поранешната репрезенатативка, Тања Андреева и ќе биде задолжена за работата со голманите.
Првиот натпревар со Фарски Острови, македонските ракометарки ќе го одиграат на 21 март на гостински терен во Торшавн, а реваншот е на 25 март во Скопје. И двете селекции имаат по два порази во првите два меча со фаворитите Шведска и Србија и во овој двомеч ќе ја бараат шансата за прва победа во овој квалификациски циклус.
„Не треба да ги потцениме во никој случај и мора да бидеме многу внимателни во овие натпревари. Репрезентацијата на Фарски Острови е данска школа, играат по свој систем од кој не отстапуваат многу. И ние имаме свој систем што го градиме во изминативе неколку години и се надевам дека тоа ќе даде резултат“ – вели селекторот на македонската репрезентација.
Македонија против Фарски Острови играше и лани во квалификациите за СП 2017 и тогаш славеше со 21-19, што беше прва победа за македонските ракометарки по неколкугодишната серија порази во меѓународните настапи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА