Женската ракометна репрезентација на Македонија го запиша и третиот пораз во квалификациите за пласман на Европското првенство, откако вечерва изненадувачки загуби на гостувањето кај аутсајдерот Белгија со минимални 26-25.
Иако нашите ракометарки го контролираа натпреварот во првото полувреме и во неколку наврати имаа и предност од три гола, жилавиот домаќин во ниту еден момент не се предаваше, па на пауза замина со негатива од само еден гол 14-15.
И второто полувреме течеше нешто слично како и првиот дел. Нашите ракометарки подобро отворија и го контролираа резултатот. Сепак, селекторот на домаќините како и во првиот дел покажа дека знае многу подобро да се прилагоди на играта и Белгијките успеаја да се вратат во егал во финишот и да поведат со 25-24 на три минути до крајот. Следуваше по еден погодок на двете страни, а нашите ракометарки не го искористија последниот напад па домаќините заслужено се радуваа на триумф од 26-25.
Јована Кипријановска беше единствена на ниво во нашиот тим со седум постигнати гола, додека кај победникот немавме одбрана за Мунија Смитс која постигна 11 гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

