Во Данска утрово беше детонирана „ракометна бомба“, откако беше обелоденето дека Микел Хансен е подготвен да си замине од ПСЖ на истекот од актуелниот договор со „светците“. Данскиот „бомбардер“ има договор со ПСЖ до јуни 2022 година, но во ракометот е вообичаено и повеќе од една година предвреме да се договараат новите трансфери, па така Хансен донел одлука да се врати назад во татковината.
Телевизијата ТВ2 Спорт прва ја објави информацијата дека Хансен постигнал договор со екипата на Алборг за преселба во редовите на овој клуб. Договор се однесува на периодот од 2022 до 2025 година, кога се очекува Данецот и официјално да ја заврши кариерата (тогаш Хансен ќе има 37 години). ТВ2 Спорт побарала коментар и од ракометарот и од управата на Алборг, но тие не ја потврдиле, ниту пак ја демантирале веста за овој мегатрансфер.
Микел Хансен е член на ПСЖ од 2012 година, кога пристигна во Париз од редовите на АГ Копенхаген, мултимилионски дански ракометен проект што заврши со банкрот. Тој претходно во кариерата има настапувано и за Барселона и за ГОГ Гудме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА