Ракометна фешта: Шведска се врати од „отпишаните“ и обезбеди полуфинале

Шведска е вториот полуфиналист од групата 2 од ЕП 2022 откако во скандинавската пресметка славеше над Норвешка со 24-23.  Норвежаните имаат за што да жалат, откако во првото полувреме имаа „плус пет“, на пет минути до крајот „прокоцкаа“ и четири гола предност, па Швеѓаните со гол од пенал во самиот финиш стигнаа до победата што им го донесе второто место во групата. Петер Јоханесон, кој влезе во составот дури по позитивниот тест на првиот голман Палицка, беше херој на мечот со девет интервенции откако влезе во игра на стартот од второто полувреме и го донесе големиот пресврт во последните пет минути. Трагичар во норвешкиот состав беше Сандер Сагосен со три промашени шута во завршницата, меѓу нив и оној во последните секунди што можеше да донесе реми и полуфинале за неговата селекција.

Норвешкиот селектор Берге изненади со одлуката да му даде шанса на Северас на голот пред Бергеруд, но 25-годишниот чувар на мрежата блескаше од самиот почеток. Токму неговите седум интервенции, надополнети со еден гол од сопствената половина пресудија Норвежаните да го диктираат темпото и резултатот. Во нападот импресивни беа бековите Рајнкинд и Сагосен, па Норвешка замина на одмор со убедливи 14-9.

Шведска ја стабизилираше одбраната на стартот од вториот дел, но „сино-жолтите“ имаа сериозни проблеми во нападот, не реализирајќи три седмерци во првите десет минути (сите три ги одбрани Бергеруд, влегувајќи од клупата). Јоханесон, кој застана на голот во второто полувреме, им даде ветар во грб на своите сонародници, па Шведска во 43. минута намали на само два гола негатива (16-14). Приближување на негатива од „минус еден“ на 18-17 беше се што Швеѓаните успеаја да сторат за момент, по што Норвешка повторно влезе во серија и поведе со 22-18 на седум минути до крајот.

„Сино-жолтите“ не се откажаа, па со новиот проектил на Готфридсон повторно дојдоа на само еден гол негатива (22-23). Норвежаните ја загубија сигурноста во нападот, а ване со влез на втор пикер и лесна реализација израмни на 23-23, на две и пол минути до крајот. Сагосен уште еднаш промаши, а Шведска имаше последен напад за победа и место во полуфиналето. Беше изнуден пенал што Кринц го претвори во гол за 23-24. Норвешка имаше уште 11 секунди за последен напад, но Сагосен го промаши и третиот шут во последните три минути, што значеше и елиминација на Норвежаните од овој европски шампионат.

 

Се вчитува...