Ракометната 2024: Спектакл на фудбалски стадион, голем триумф над Швајцарија, крај на „постот“ на Е. Пелистер

Изминува уште една календарска година во која ракометот како и во неколкуте претходни го задржа епитетот „Спорт број 1“ во Македонија. Континуитетот од настапи на големите натпреварувања беше задржан, па така Македонија остана дел од европските и светските шампионати, серија што трае уште од она легендарно во Србија во 2012 година.

Настапот на ЕП во Германија го почнавме со неверојатен ракометен спектакл, па мечот со моќната Франција го одигравме на „Меркур Шпил Арена“ во Дизелдорф. Трибините беа исполнети до последно место, па посетеноста ја проби границата од 50.000 фанови, со што беше поставен нов светски рекорд за најмногу гледачи на еден ракометен дуел.

Македонија го загуби овој натпревар од големиот фаворит со 39-29, во втората рунда во Берлин загубивме од домаќинот Германија со 25-34, a во третата рунда за противник ја имавме Швајцарија. Двете селекции беа без шанса за пласман во следната рунда, но мечот беше многу важен бидејќи победникот ја добиваше улогата на носител во ждрепката од квалификациите за СП 2025. Нашите ракометари одиграа одличен меч и заслужено триумфираа со 29-27, Митев и Костески со по пет погодоци беа најефикасни во нашиот табор, по четири постигнаа Кузмановски и Пешевски, но најдобар поединец во нашиот табор беше Томовски со 12 одбрани.

За противник во баражот за СП ги добивме Фарските острови, првиот меч на гостински терен го загубивме со 34-27, но избраниците на Лазаров го покажаа своето вистинско лице на реваншот во Скопје, славејќи со 34-26 за добивање на мундијалски билет. Жарко Пешевски одигра извонреден меч со осум гола од исто толку обиди, Филип Кузмановски постигна седум, а Марко Митев шест погодоци, трио што беше најзаслужно за овој фантастичен резултат.

Женската ракометна репрезентација оствари огромен успех обезбедувајќи пласман на ЕП 2024, по долги години успевајќи успешно да заврши еден квалификациски циклус и да се пласира на континентален собир (бевме дел и од ЕП 2022, но тогаш како ко-домаќини на шампионатот). Во Дебрецин беа претрпени порази од Шведска и од Унгарија, но и беше одиграно реми со селекцијата на Турција, прв освоен бод на женската репрeзентација на Македонија на големите натпреварувања по пауза од 16 години.

На клупски план, Е. Пелистер ја оправда фаворитската улога и стигна до нова шампионска титула, оставајќи ги зад себе екипите на Вардар и на Алкалоид. Годината ќе остане запаметена со златни букви и во историјата на Алкалоид, откако „сино-белите“ од Автокоманда се закитија со првиот трофеј во клупската историја, стигнувајќи до пехарот во Купот на Македонија откако избраниците на Кире Лазаров во два дена успеаја да ги земат скалповите на двата најголеми ривали, Вардар и Е. Пелистер.

„Пелистерци“ по добро ќе ја паметат оваа календарска година, не само поради новата титула, туку и настапот во Лигата на Шампионите. Откако ланската сезона редеа само порази, тие овојпат стигнаа до значајни победи над Фредериција во Данска и над Висла Плоцк на домашен терен, па битолчани ќе влезат во 2025 година со сосема реални шанси за влез во нокаут фазата од елитното европско натпреварување.

Во новата 2025 пред нас е настап на СП 2025 во Вараждин, на кој се надеваме на повторување на убавите хрватски ракометни спомени. По тој ракометен мундијал, на 1 март и официјално ќе биде избран нов предводник на куќата на ракометот, по најавеното повлекување на Живко Мукаетов, кој ќе остане запаметен како најуспешен претседател на РФМ.

Се вчитува...