Билјана Благоеска Петрушева
Раул Гонзалес вчера ги остави хрватските и словенечките новинари со подзинати усти. Прво со стартната победа на Македонија против светски „бронзената“ Словенија, а потоа и со неговиот македонски на прес-конференцијата.
Раул онака прописно како што е ред на официјалните европски и светски превенства, ги изнесе своите впечатоци од мечот на англиски. А, потоа на вообичаениот дополнителен „брифинг“ со новинарите, си зборуваше на македонски. Оти тоа е оној „проширен дел“ за матичните медиуми. Но, овој пат „македонскиот Шпанец“ по победничкото селекторско деби, очигледно беше интересен и за хрватските медиуми.
„Па тој зборува македонски подобро од англиски! Кој го научи? Колку време е таму кај вас?“ – со чудење вртеше со глава и ме распрашуваше еден од хрватските колеги.
Се обидов да му објаснам како Раул Гонзалес стана наш Шпанец и „воведе“ задолжителен македонски и на тајм-аутите на Вардар, па таму на македонски им дели совети дури и на Шпанците.
А, Хрватот врти со главата и не може да се начуди на македонските ракометни феномени.
„Навистина?! Чудо е човеков и чудо сте вие таму во Македонија“.
По химната се познава победата
Се чудеа и се воодушевуваа Хрватите вчера и македонската пожртвуваност на ракометарите кои гинеа на терен, стискаа „заби“ и машки се бореа со Словенците кои баш и не се нешто многу нежни на терен.
Се чудеа и на „фалангата“ која пристигнуваше од сите страни и ја наполни „Арена“, без разлика на километрите. На „црвено-жолтиот“ колорит, на поддршката што ја имаат македонските ракометари. На гордоста со која тие на терен и тие на трибини во еден глас ja пејат македонската химна.
Впрочем, некако секогаш, по химната се насетува победата. Кога дури и на оние што со децении се по салите, им поминуваат трпки на познатиот такт, тогаш знаеш дека ќе биде добро.
Ма ќе биде „супер“, што би рекол Раул Гонзалес.
Македонија на стартот на ова Европско, барем овде во Загреб, дефинитивно им го „украде“ шоуто на Хрватите.
Традицијата продолжува
Победа без прослава не оди никако, барем кога е „фалангата“ во прашање. Во Загреб, „македонската база“ е во барот „Роко“, а вчера беше прилично весело таму. Влегуваш и се знаеш буквално со сите. Тоа е таа „стара гарда“ што ги придружува ракометарите на секое натпреварување од Вараждин 2009 до Вараждин 2018. Некои и малку подолго.
Се прераскажува голот на Фиќо, одбраните на Никуш, модриците на Столе, додавањето на Кире, влезот на Жути…Фрчат пораки од Македонија и фотки и видеа од Загреб кон Скопје да почувствуваат дел од атмосферата и тие што не се овде. Тоа е традиција. Тоа е таа „фамилијарна“ врска на оваа репрезентација со навивачите и со целата македонска јавност. И тоа е оној прекрасен дел што ја прави уште поубава секоја победа на македонската репрезентација, од Доха до Краков, од Ниш до Загреб. И што не се пропушта.
Ечеа македонски песни вчера во Загреб, а кога прославата влезе во „второ полувреме“, се вртеше и хрватско и српско за добро расположение. Прославивме и наздравивме и за победата и за Стара нова година…
Им најавивме, мислеа шала е…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА