Билјана Благоеска Петрушева
Новинарите ретко ги фалат толку многу тренерите и селекторите, ама Раул Гонзалес дефинитивно на ова ЕП веќе освои шампионска титула кај „седмата сила“. И тоа не само кај македонската.
Почнавме и ние како ракометарите онака, сите насмеани да одиме на брифинзи и на интервјуа и од позитивната енергија што ја носи македонската репрезентација, едноставно да не ни се излегува од сала, дури и кога ќе завршиме работа.
Вообичаена рутина. Новинарите стигнуваат малку порано и подготвени во салата во Вараждин ги чекаме селекторот и ракометарите. Редовен брифинг пред денешниот натпревар со Шпанија. Понекогаш здодевна рутинска работа и за тие што прашуваат и за тие што ги прашуваме. Но, не и на ова првенство.
Вообичаено, прв влегува селекторот. Не е ни лут, ни нервозен, ни забрзан, ни „издиган“. Напротив, влегува насмеан, со сите разменува по некој збор, го остава синиот тефтер на записничката маса и трпеливо чека да си ја завршиме работат и да почне со тренингот.
Овој пат тој прв не прашува: „Како е? Ќе дојдат многу луѓе од Македонија?“
Му кажуваме дека пола Македонија е тргната кон Вараждин и се обидуваме да му ги објасниме „шемите“ со влезниците од Унгарците. Се смееме заедно на македонските навивачки финти.
„Ќе биде добро. Супер…“, вели селекторот пред денешниот дуел со неговата Шпанија.
„Црвена и жолта – боите на Шпанија и на Македонија се исти, па јас се чувствувам како дома“ – знае да се пошегува Раул Гонзалес.
Македонија игра за полуфинале. Тоа е најважно. Му се радува на предизвикот и на дуелот на кој му дава посебен белег. А, македонските ракометари безрезервно му веруваат на селекторот.
„Треба добро да ја проучиме Шпанија. Ама, Раул тоа ќе го среди без проблем…“, вели Мартин Поповски.
Тоа е таа доверба и сигурност.
И приказната не завршува само со брифингот на терен. Горе на „наш терен“ во прес-центарот во Вараждин кој е исто така „под македонска контрола“ не пречекува еден колега од словенечките новинарски екипи.
„Го имате најдобриот тренер на светот. Тој знае што прави. После секој тајм-аут Македонија игра поинаку, играчите го слушаат. Генијално“ – расправа Словенецот.
А ние онака „луди по репрезентацијата“, гордо удираме по тастатурите.
Слично нешто не чека и во Загреб. Се враќаме во прес-центарот во „Арена“ да фатиме нешто од натпреварите од загрепската група.
Ме пречекува еден од хрватските колеги: „Како е во Вараждин? Ќе биде утре лудило таму. Немој да зафркнете работа“ – се шегува колегата.
„Не се секирај. Нас Раул ни е селектор…“- враќам „контра“ додека заедно брзаме да го фатиме пресот на Хрватите после победата против Норвешка.
А, таму, нивниот изборник ги искара „злочестите“ хрватски новинари зошто се дрзнале да го критикуваат него што има „олимписко злато и шампионски титули во четири држави“ и после второто прашање ја прекина прес-конференцијата.
Се смееме со мојот хрватски колега.
„Сме го гледале ние овој филм. Нека ви е со среќа!“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА