Билјана Благоеска Петрушева
Сонувавме медал, посакувавме полфинале, се надевавме дека ако ништо друго, ќе го повториме она историско 5.место. На крај завршивме на 11.место. Исто како и на претходното ЕП во Полска.
Репрезентацијата е таа истата, овој пат со малку повеќе свежа крв од младите што доаѓаат. Селекторот е нов, играта е пак блесни – згасни и на крај пласманот е ист околу 10-та како и на претходните две европски првенства.
Раул Гонзалес сепак, не е „Хари Потер“ како што рече во едно интервју. Да беше сигурно немаше Шпанија да не прегази уште во петта минута. Да останеме без идеја на добиен меч со Чешка. Ниту пак да дозволиме потоп од Данска на -11 за крај.
Штета што така заврши она што почна како хит и сензација во првиот дел од шампионатот. Македонија покажа дека може да се носи и со најсилните. Додека има сила…И дека има стари борци и нови деца со кои ќе се гордееме. Во првите три натпревари во Загреб, импонираше борбеноста, новата енергија и инвентивноста во играта. Македонија стартуваше како никогаш порано. Трите натпревари без пораз и првото место во групата пред „златните“ Германци и „брозените“ Словенци ги зголеми и надежите и очекувањата и македонската еуфорија. Имаме се сега е моментот.
Но, во оние три дена одмор за првопласираните исчезна и „Хари“ и магијата. Од македонскиот хит во Загреб, во Вараждин не остана ни Х. Наместо одморени и тактички подготвени за вториот чекор, останавме без сила и без идеја!
Шпанија дојде како ладен туш за „фалангата“ и за целата макеоднска ракометна еуфорија. Со нашиот Шпанец, заглавивме против Шпанија. Ќе беше ли „друга песна“ ако беше некој друг противник на стартот од втората фаза? Мораше ли тактички со Шпанија да се чуваме за Чешка и Данска? И на крај, да не се сочуваме… Македонија игра на еуфорија и на „глава“, онака како Филип Миркуловски, кога никој не знае како, ама се извлекува „двеста посто“ од себе. „Чуванката“ не е баш за нас.
„Грешка, се беше грешка…“ – ќе признае во една од изјавите селекторот. Нов е, ќе му простиме.
Што ни „фалеше“ за полуфинале? Одговорот од селекторот баш и не го разбравме, ама раширените рацете покажа – многу!
Тука „ел команданте“ се размина малку со своите ракометари кои со децении ја носат радоста на победите и товарот на поразите во македонскиот дрес.
„Ние никогаш, па дури ни во Србија, не сме биле поблиску до едно европско полуфинале. Верувајте дека на секој меч, освен со Шпанија и со Данска, се чувствувавме моќни, имавме сила да играме против секоја репрезентација…“ – ќе рече Борко Ристовски
А, Столе Стоилов онака брутално во свој стил: „До кога вака? Секоја година велиме памет за другото, ќе ја извлечеме лекцијата за следното. И ќе дојде тоа следно и пак исто…Годините си поминуваат, а ние никако да дојдеме до успехот што го сонуваме…“
Ќути Столе, не знаеш како им е на Лино и на Хрватите. Тие злато сонуваа и реклами снимаа, а Французите кошмар им направија.
Тоа е тоа, народе. Од сабота почнува нов сон, сега за следното СП. Со кого, како до Германија и Данска, за нова надеж и нова јануарска ракометна еуфорија.
Годините поминуваат, ама Македонија е таа. Сонува, се радува, заради ракометарите го чека секој јануари, се крева еуфорија, се пакува и тргнува, фали и критикува, ама останува гордоста за македонската репрезентација. Ако не е ни сребрена, ни златна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА