Билјана Благоеска Петрушева
Не е крај на светот. Има за Македонија ден „Д“, дури и после – Ш. Имаше вчера многу зборчиња на последната буква што ни се вртеа низ глава по неделниот пораз.
Шашма не фати по шокот од Шпанија и шубе за шансата. Се „шекнавме“ шетајќи по Загреб, на „штрек“ за повредата на капитенот и какви ќе бидат резултатите. Не е исто со него и без него во македонската репрезентација.
Вестите не се негативни, не се ни многу позитивни. Селекторот на вечерниот брифинг со дел од македонските новинари веќе најави дека „ќе треба да се навикнеме да играме и кога Киро не може да настапи“.
Еден ден ќе треба и тоа дефинитивно, ама сега се уште македонската репрезентација е посигурна кога е капитенот „на две нозе“.
Помалку оладени од онаа минатонеделна ракометна еуфорија, но со надеж дека од утре пак „се ќе биде супер“, во трамвајот кон „Арена“ случајно го фаќаме разговорот на две загрепски средношколки. Се враќаат од училиште и разговараат за натпреварите од претходниот ден. А, веќе знаете дека Македонија и со репрезентацијата и со „фалангата“ беше хит на првиот дел од шампионатот и стана популарна во Загреб.
„Ја гледаше ли вчера Македонија со Шпанија?“ – прашува едното од девојчињата.
„Гледав, ама само донекаде. Исклучив, не можев до крај, жал ми беше“ – вели другото девојче со жалење во гласот.
Го слушаме разговорот и се погледнуваме со колегите – да знаете само како ни беше нам таму во Вараждин…
Тргнавме еуфорични и орни за големи дела, загреани од резултатите и од „фалангата“ во вараждинската фан-зона.
Се вративме попарени.
Денеска пак го фаќаме патот за Вараждин. Не чека дуелот со старите познаници Чесите. Иако после Шпанија шансите за историското полуфинале се сведуваат на теорија, во вараждинската група се уште се сите комбинации во игра. Како и многупати во изминативе неколку години, за Македонија се ќе зависи од дуелот со Чешка. Читам во нивните медиуми, Јан Филип од чешкиот селекторски двоец, се пошегувал со судбинската поврзаност со Македонија. Вели, „одамна не сме се виделе со Македонците, цели шест месеци!“
Ќе се видиме вечер во Вараждин. На денот „Д“ после Ш, која патем, беше брутална и за нив и за нас.
Тактика или не – ќе видиме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА