Билјана Благоеска Петрушева
Како е добро да бидеш на Европско и сите да зборуваат за Македонија! „Фраери“ сме сега ко Французи. Па, нека трае додека трае…А, може и малку подолго.
По онаа смена после прв круг, во загрепска „Арена“ повеќе жалеа што Македонија се „сели“ во Вараждин отколку што се радуваа што Хрватска дојде во Загреб. Посебно по оној „повлечи-потегни“ меч на домаќините против Белорусија и театарската атмосфера на полупразните трибини.
Командант Раул, Македонија и „фалангата„ по првиот дел станаа хит на хрватското ЕП. Кој мислеше дека по три натпревари и „златната“ Германија и светски „бронзената“ Словенија ќе и гледаат на Македонија во грб?! И дека сите ќе го чекаме следниот натпревар како нова сезона од омилена серија. Да видиме што ново ќе смисли „ел команданте“ и како ќе биде она со „вистинскиот“ и со „лажниот цепелин“.
Ракометарите на ова ЕП и покрај сите напори уживаат на терен. „Фалангата“ ужива на трибини, и зема здив овие 2-3 дена за новата офанзива на Вараждин.
Во нашата вараждинска група веќе почнува разврската. Ние го чекаме утрешниот ден и дуелот со нашиот Шпанец против Шпанија.
„Ќе биде чудно, многу чудно“ – вели Раул Гонзалес.
И, онака помалку во шега за своите ќе додаде: „Тие се многу добри, ама ние сега сме пред нив…Ќе биде интересно“
Некој друг можеби не би го „фатил“ тој момент пред новинарите, ама тој е Раул Гонзалес и тој ужива во ракометот и во играта на терен. Впрочем, затоа и Македонија игра како никогаш досега!
„Одлични сте. Ќе биде прво полуфинале овој пат, а?“, ми вели на поминување колегата од „Јутарњи“, еден од оние од „старата гарда“ со кои „тераме“ многу првенства заедно.
„Ќе биде, ќе биде. Сега имаме се!“ – го дочекувам „на прва“.
Веќе ви кажав дека Македонија „го украде“ шоуто во Загреб. И симпатиите, уште повеќе од порано.
„Ако даде Бог, Македонија ќе игра полуфинале“ – искрено им посака Игор Карачиќ на Столе и другарите.
Знае добро нашиот вардарец што значи ракометот, таму долу. И што ќе биде, ако биде полуфинале…Лудило!!!
„Фалангата“ веќе тргнува во офанзива. Утре доаѓа ново „засилување“ од Македонија и се прави стратегија како да им ги „ќариме“ влезниците на Унгарците. Нивните и онака веќе се дома. Нашите се тука и се борат за полуфинале. Европско полуфинале!
„Ќе биде тешко, многу тешко. Ама, полуфинале…зошто да не“
Погодувате сигурно, сењор Раул Гонзалес!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА