Ракометни ЗАГРЕБАНЦИИ: Некои прашања немаат одговор

Билјана Благоеска Петрушева

Колку поголеми очекувања, толку поголеми разочарувања. Тоа не е ништо ново за нас. Сега, секој може да каже што сака, ама за мене очекувањата не се навреда, туку комплимент.

Очекуваш од некој што знаеш и што веруваш дека може. Се разочаруваш кога знаеш дека можело да биде, а не било.

Па така некако не „стрефи“ и оној пораз од Чешка синоќа. Имавме пет гола разлика, желба, игра и победа во раце. И одеднаш на крај останавме без сила и без идеја?! Против безмалку, истата онаа Чешка што пред шест месеци ја победивме со „два и пол“ тренинзи?!

Зошто само пред неколку дена во Загреб, имавме милион идеи, сто ротации и резервни варијанти, изненадувања за противниците и свежина во играта? Зошто после секој тајм-аут, Македонија се враќаше во игра „како нова“, а сега кога е најпотребно, не може?

Во ред, го загубивме Кире Лазаров, а Македонија не е иста со и без капитенот… Ама мечот со Шпанија го загубивме уште пред да се повреди Лазаров.

Против Чешка, Филип Миркуловски играше за тројца…Борко бранеше, Талески држеше и напад и одбрана, Мартин Велковски достојно го замени капитенот…И снема сила баш кога требаше да се стави точка на победата.

Не дека се мешаме во тренерската работа, ама логично прашање беше – Зошто Филип Кузмановски остана на клупата кога во другите снема сили? Покажа „малиот“ на ова ЕП дека е играч што може да „повлече“ и да внесе свежина.

Одговорот од селекторот беше дека „другите играа добро…“ .

Каде исчезна тактичката генијалност на „ел команданте“? И тој ли се умори? Или, можеби ни недостасува помошта од Парондо на клупата? Па, луѓе мои на клупата го имаме најдобриот тренер во светот, а ние останавме без идеја против Чешка?! Како да не ти биде мака!

Во ред, пак ќе бидеме пресреќни со тој „проклет“ втор круг како и на секое превенство, ќе се сакаме и кога победуваме и кога губиме, тоа нема збор. Ама не се останува рамнодушен на ваквите порази и на наведнатите глави, разочарани погледи и глетката кога Жути, Борко, Фиќо, Столе, Деки…со „кнедла“ во грло бараат зборови да објаснат што ни се случи. Да одговорат како професионалци и да го скријат разочарувањето… а, тоа им излегува од секоја пора.

Ги знам долго овие лица. Грев ли е ако човек сака пак да ги види како во Ниш и во Белград?

Се вчитува...