Билјана Благоеска Петрушева
Едни велат, тактика е – една жртвуваш, другите после ги добиваш. Така направиле и Шведска и Чешка… Други она старото, толку ни е силата.
Раул пак вели: „Грешка, се беше грешка. Ова денеска не беше Македонија“
Е, тука е во право. Во дуелот со Шпанија ја немаше Македонија. Онаа борбена и тактички совршена Македонија што ги „скрши“ и Словенија и Црна Гора и на крај и Германија и стана хит во првата фаза на ова ЕП.
Со Шпанија ни се скрши филмот. Меч предаден уште во петта минута?! Не личи на „ел команданте“… Шпанија е посилна репрезентација од Македонија, тука нема збор, ама дека Жорди Рибера е подобар тактичар од Раул Гонзалес, е тука баш и не сум многу сигурна.
Капитенот повреден на клупа, младите фрлени во оган, чудни постави и ротации и еден куп технички грешки. Да не беа Борко и Никуш, кој знае што ќе не снајдеше во шпанското „вамос-тамос“.
На крај бевме како Хрватска после Шведска. Полни трибини, големи очекувања и на крај уште поголеми разочарувања. Не е грев да се загуби од една велесила како што е Шпанија. Грев е да не се бориш и да се предадеш за неколку минути, а пола Македонија сосе премиерот дојде да бодри и да навива!
Друг пат кога ќе биде „грешка“ или „тактика“, погледнете малку и во „црвено-жолтата“ надеж на трибините. Нели, „фалангата“ е нашата дополнителна сила. Многу од тие луѓе поминаа илјадници километри, некои можеби ги дадоа и последните пари во скапиот јануари, да дојдат и да ја бодрат Македонија.
Не да викаат „оле“ после пет минути!
И, можеби веќе утре пак ќе победуваме и се ќе буде „супер“, ама вчера се „скрши“ филмот. Не толку од поразот, колку од играта.
Впрочем, да бидам искрена, мене ми се „скрши“ филмот уште од сабајле со смената на Парондо.
Пак ли? Па нели го „прележавме“ тоа со Брестовац во Краков?! И, ако добро паметам, рековме никогаш повеќе нема да ни се случи таква – лудост!
Ама еве две години подоцна, пак на пола првенство тренерот си оди од репрезентација заради клупски обврски!? Толку ли не знаеја Парондо, Раул и цел стручен штаб со РФМ, дека ЖРК Вардар за време на ЕП има натпревар од ЛШ и дека вториот Шпанец од клупата ќе треба да се врати кај вардарки? Или битно беше во скромното тренерско CV на поранешниот шпански репрезентативец, кој патем е тренер на женска екипа, да стои и едно машко ЕП, па нека е и само за четири натпревари?
Се разбира дека селекторот е главен, тој си ги одбира помошниците, стручно, тактички или другарски, негова работа.
Ама, оваа македонска репрезентација е македонска гордост. И не смее да се потцени. Секогаш кога ќе го подзаборавиме тоа, ни се враќа каменот по глава.
Можеби утре пак ќе победуваме и пак ќе ни биде устата полна со пофалби. И дај Боже да биде така. Ама денеска горчи, не поминува…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА