Билјана Благоеска Петрушева
Македонците се омилени овде во Загреб, а една од причините е „нивниот“ Киро Лазаров. Македонскиот капитен играше неколку години во Загреб и се уште овде има страсни обожаватели и посебно обожавателки.
Вчера дури и хокеј гледавме на „сметка“ на капитенот.
Еве ја приказната:
Стигнуваме ние неколку македонски новинари малку порано во „Дом спортова“ на закажаниот брифинг со нашата репрезентација пред вечерниот тренинг. Во холот не пречекува една симпатична девојка од организацијата, не упатува на кај да одиме и со насмевка ни се извинува.
„Германците имаат затворен тренинг. Извинете, Македонци, таму не смеам да ве пуштам, ни за љубов на Киро Лазаров! Вљубена сум во Лазаров“ – се смее симпатичната Хрватка.
„Оженет е “ – се шегува еден од колегите.
„Знам“ – се смее девојката и додава во шега–„И Филип ми се ожени, го сакам и него. Ма, ги обожувам Македонците. А, ми се падна да ги водам Германците. Замислете!“
И додека ние пријателски си муабетиме и се смееме со Хрватка што ги обожува Македонците, чекајќи ги нашите да дојдат на тренинг, во салата пристигнуваат и неколку дански новинари. И тие не смеат да влезат на тренингот кај Германците, ама за нив нема место „на топло“ на шанкот во холот.
„Ма, нека чекаат надвор. Овие Данци, Германци, не се како нас. Со нив не можеш вака да разговараш и да се смееш. Не разбираат шега. Ништо не разбираат“ – ни објаснува нашата симпатична пријателка.
Прашуваме дали може да влеземе на кратко на хокеарскиот меч на Медвешчак што беше во тек во „Дом спортова“.
„Влезете. На тренинг кај Германците не смееме, ама за хокеј ќе средиме. Сега ќе им кажам да ве пуштат…“
И така, додека чекавме да почне тренингот на нашите ракометари, си погледавме и малку хокеј. Со привилегиран влез во полната сала, се „на сметка“ на капитенот.
Е, ова ти е баш (ЗА)ГРЕБАНЦИЈА, се шегуваме со колегите.
Инаку, и шефот на новинарското бифе во „Арена“ ни кажа дека е стар фан на Кире Лазаров. Па нека се чудат после Германците и Словенците како за нас секогаш има место на најдобрите маси во бифето…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА