Големиот ракометен спектакл „Легендите на сцена“ кој на 29. октомври ќе се одржи во Скопје, а како дел од прославата на 20-годишнината на Спортско радио 90,3 ФМ, ќе биде несекојдневна можност на едно место да се видат најголемите македонски и интернационални ракометни ѕвезди. Како никогаш досега бројни ракометни ѕвезди од Европа ќе бидат на едно место.
Секојдневно се зголемува и бројот на нови имиња кои ќе пристигнат на 29. октомври во Скопје покрај претходно најавените Лино Червар, Веселин Вујовиќ, Ренато Вугринец, Данил Шишкарев, Арпад Штербик, Тимур Дибиров, Жоао Кањелас… Сега, како што информираат организаторите, пристигнуваат и легендите на хрватскиот и европски ракомет, Златко Хорват и Мануел Штрлек кои го потврдија својот настап на овој ракометен спектакл. Тие ќе настапат во тимот на ракометните интернационалци, заедно со уште многу имиња кои веќе ги најавивме како што се и Иван Чупиќ и Игор Вори но и буквално сите најголеми македонски ракометни имиња, Лазаров, Миркуловски, Ристовски, Стоилов…
Овој ракометен спектакл ќе се одржи во СЦ „Јане Сандански“ на 29 октомври со почеток во 19 часот.
Билетите за настанот се пуштени во продажба онлајн преку ticketx.com.mk.и на билетарата на СЦ Јане Сандански.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

