Рамос: Јас сум капитен, на мојот грб ќе ги издржам сите свирежи кон тимот

Реал Мадрид победи со 2-0 против Валјадолид на „Сантијаго Бернабеу“, но се мачеше до пред самиот крај за да го пробие бедемот на противникот. Винисиус јуниор постигна среќен гол, погодувајќи го противничкиот фудбалер Кико во грбот, а потоа Серхио Рамос од пенал, со ’паненка’, го постави конечниот епилог. Сепак, свирежите од фановите не изостанаа кон „кралевите“.

„Јас сум капитен и на мојот грб ќе ги издржам сите свирежи кон тимот. Јасно ни е како се чувствуваат фановите, дека се бесни поради слабите игри и резултати. Но, ние ќе се потрудиме да ја грабнеме оваа шанса и да тргнеме во победничка серија. Овој тим сепак има победнички дух, го покажавме тоа и стигнавме до триумф затоа што силно го посакувавме. Кога не оди најдобро, треба да останете смирен, и да се трудите, да се трудите, да се трудите. Ќе дојде наградата за трудот“, изјави Серхио Рамос по триумфот на „кралскиот клуб“ против Валјадолид.

 

Се вчитува...