Рамос: Утре имаме рандеву со историјата

Европскиот првак Реал Мадрид утревечер во Кардиф ќе се обиде да ја одбрани титулата во Лигата на шампионите, и да стане првиот тим во историјата што ќе му успее ваков подвиг. Токму тоа го потенцираше и капитенот на „кралевите“, Серхио Рамос, на прес – конференцијата во пресрет на финалниот дуел од елитното европско клупско натпреварување.

„Утре имаме закажано рандеву со историјата. Доколку победиме, ќе станеме бесмртни. Реал Мадрид, најтрофејниот европски клуб, ќе стане и првиот што успеал да го одбрани пехарот во Лигата на шампионите. Подготвени сме за предизвикот, знаеме како да го сториме тоа. Ќе имаме голем противник против себе, ќе играме на прекрасен стадион, ќе играме големо финале. Нема поголема мотивација, сите ’гориме’ од желба за нов успех. Титулата во Шпанија ни даде дополнителни крилја, ќе се обидеме тоа да го искористиме тоа и во дуелот со Јувентус“, изјави Серхио Рамос.

Тренерот Зинедин Зидан вели дека може да одлучи само еден потег, иако финалето всушност се подготвува цел месец, па и подолго.

„Тренирате напорно, ги предвидувате сите можни комбинации, размислувате за противникот, и за тоа како вие ќе одиграте. Но, на теренот е се поинаку. Затоа, на фудбалерите им велам, вие сте тие што ќе одлучите. Драго ми е што имаат голема самодоверба, квалитетите апсолутно не се спорни, желбата и кај двата тима сигурно е на максимално ниво. Но, еден ќе биде победник, и ние ќе сториме се за да го одбраниме трофејот. Реал Мадрид размислува само за победи, и така е и вечерва, а ќе биде и утре, овде во Кардиф“, изјави Зинедин Зидан.

Се вчитува...