„Роналдо мора да дава повеќе голови“

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник оцени дека Кристијано Роналдо треба да постигнува повеќе голови, но дека проблемот не е само Португалецот, туку целиот тим.

Рангник направи анализа за слабите изданија на својот тим, а во фокусот беше Роналдо. Јунајтед не успеа да слави против Мидлсброу и Барнли, а ваквите резултати го вклучија алармот на „Олд Трафорд“.

Роналдо е без постигнат гол на последните пет средби, што последен пат му се случи во 2013 година, кога беше член на Реал Мадрид.

„Не се работи само за Роналдо. Тој мора да даде повеќе голови, очигледно, бидејќи создаваме многу шанси, но тој воопшто не постигнува гол. Сепак, тоа не е само негов проблем, туку недостасуваат и други играчи во однос на ефикасноста. Не постигнуваме доволно голови. Тоа мора да го поправиме во наредните недели“, изјави германскиот стручњак.

Роналдо веќе во неколку наврати има покажано дека критиките го мотивираат, па денес ќе има нова шанса против Саутемптон за да упати демант до Рангник. Португалецот се враќа во стартниот тим на „ѓаволите“ за оваа средба, откако Рангник на последниот меч му даде предност на Кавани.

Се вчитува...