Клаудио Раниери одби да биде селектор на италијанската репрезентација по заминувањето на Лучијано Спалети.
„Му се заблагодарувам на претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина, за оваа можност. Тоа е голема чест, но по внимателно разгледување, решив целосно да останам на располагање на Рома во мојата нова улога“ – соопшти Раниери, и дополни:
„Фридкинс (сопствениците на Рома, н.з) ми дадоа целосна поддршка за секоја одлука што ја донесувам во врска со националниот тим, но ова е исклучиво моја одлука“.
Раниери, кој во својата кариера ги водеше Интер, Јувентус, Атлетико Мадрид, Челси, Лестер, со кого ја освои титулата во англиската Премиерлига во 2016 година, и Монако, неодамна ја презеде улогата на стратешки советник на американските сопственици во Рома.
Враќајќи се од пензија минатиот ноември за да ја спаси Рома, која се мачеше во Серија А, 73-годишниот Раниери беше фаворит да го наследи Спалети, кој последен пат ја водеше италијанската репрезентација во победата од 2-0 над Молдавија во понеделник.
Спелети, кој ја презеде италијанската репрезентација во август 2023 година, објави дека се повлекува од селекторската функција откако Италија беше поразена од Норвешка (3-0) во првиот квалификациски натпревар за Светското првенство во петок. Овој пораз ги загрози изгледите на Италија, која ги пропушти последните две светски првенства, да се квалификува за СП 2026.
За да се обезбеди пласман на Светското првенство, Италијанската фудбалска федерација сега би можела да се сврти кон Стефано Пиоли, поранешниот тренер на Милан, кој моментално е на чело на саудискиот клуб Ал-Наср.
Италија е трета со три бода во Група И од европските квалификации за Светското првенство во 2026 година, девет бода зад Норвешка, која одигра два натпревари повеќе. На крајот од оваа фаза, првопласираната екипа во групата директно ќе се квалификува за следниот Светски куп, додека второпласираната екипа ќе мора да помине низ плејофот, што беше фатално за Италија во 2018 и 2022 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

