Поранешниот менаџер на Лестер сити, Клаудио Раниери, во интервју за „Скај Спортс“ откри детали за неговите денови во Лестер, за играчите кои ги купил, за тие што не успеал да ги доведе, како и што се случувало во текот на шампионската сезона. Тој откри интересни работи за Французинот Н’Голо Канте и неговото доаѓање на стадионот „Кинг Пауер“.
„Не, не сакав да го продадеме Канте. Тој, со Варди и Махрез беа играчите кои моравме по секоја цена да ги задржиме. Тие беа срцето на тимот. За другите и не се грижев толку, бидејќи навистина го сакаат клубот, додека за останативе тројца се интересираа сериозни европски клубови. Јас сакав да ги задржам бидејќи верував дека можеме да ја продолжиме бајката и во Лигата на шампионите“, изјави Раниери.
Како што планирал Италијанецот, Лестер и натаму го живее европскиот сон. Актуелниот англиски првак е во четвртфиналето на ЛШ, а за противник го има Атлетико Мадрид, втор шпански ривал за нив во нокаут – фазата, откако ја елиминираа Севилја со пресврт во реванш мечот на „Кинг Пауер“.
„На почетокот на сезоната 2015/16, баравме интернационалец кој ќе се вклопи со Дринквотер. Разговарав со Камбијасо, но тој не сакаше да остане, па потпиша за Олимпијакос. Требаше да купиме репрезентативец на една држава, но тој потпиша за друг клуб. На крајот остана изборот меѓу Жорди Класи и Н’голо Канте. Jас го одбрав Канте и не згрешив. Го гледав неколку пати пред да дојде во клубот и навистина ми се допадна како игра, колку е посветен на фудбалот“, открива италијанскиот стратег.
Жорди Класи беше првиот избор на Лестер, но искусниот стратег го одбра Французинот, па Класи заврши во Саутемптон. По транферот од Каен, Раниери сакаше Канте да игра на левата крилна позиција, но вистинското место го најде на средината од теренот.
„Пробавме комбинации со него на левата страна, но подобро се снајде на средината со Дринквотер и создадоа фантастично партнерство. Како можев да не го играм? Тој беше поддршка на целиот тим, на сите им помагаше на теренот. Канте е роден за фудбалот. Кога Челси го побараа да го облече нивниот дрес, не можев ништо да направам. Тоа е сон на секој фудбалер, да заигра во голем клуб како Челси, а јас не можев да му стојам на патот. Тешко беше да го замениме, но знаев дека оди во добри раце, бидејќи Конте е одличен тренер. Канте сега е клучна фигура во неговиот состав и во трката за шампионатот“ – изјави Раниери.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА