Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, изјави дека е среќен за победата на трката во Формула 1 во Канада, но и за првиот пласмн на подиумот на неговиот клупски колега, Андреа Кими Антонели.
„Пресреќен сум што го гледам и Кими на подиумот, одличен ден за целиот тим. Благодарност до сите во тимот кои работеа напорно за да нè вратат во конкуренција за победи. Тоа е фантастично чувство“, рече Расел.
На патеката во Монтреал, Расел го забележа четвртиот триумф во својата кариера, воедно и прв за него и тимот на Мерцедес во тековната сезона.
Британскиот возач се осврна на минатата година и трката во Канада, кога исто така стартуваше од пол-позицијата, но возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, ја однесе победата.
„Неверојатно е да се вратиме на највисокото скалило на подиумот. Нашата последна победа беше во Лас Вегас (23 ноември, минатата година). Чувствував дека ја загубивме победата тука минатата година, но денес ја добивме благодарение на вчерашниот неверојатен квалификациски круг“, додаде 27-годишниот возач.
Расел рече дека на автомобилите на Мерцедес им се допаѓаат постудените услови како во Канада.
„Би сакал да ги зголемат очекувањата, но мислам дека силата на нашиот автомобил е токму во постудените услови. Ќе видиме како ќе биде во следните трки, но засега уживаме во овој момент.“
Расел зборуваше и за следната трка во Австрија.
„Победивме во Австрија минатата година, можеби тоа е добар знак. Сега уживаме. Имавме очекувања пред овој викенд и сè испадна како што се надевавме“.
Второто место на вечервашната трка во Канада го освои Верстапен, четирикратниот едноподруго светски шампион, кој оцени дека ова е максимумот на неговиот тим.
„Возевме трка во која напаѓавме и се браневме. Напаѓавме со стратегија и се браневме од автомобилите зад нас. На крајот ни се исплатеше и мислам дека тоа беше максимумот што можевме да го добиеме денес. Сезоната е долга, па ќе одиме трка по трка. Секогаш ќе се трудиме“, рече Верстапен.
Крајот на трката беше обележан и со инцидент меѓу Мекларен Пјастри и Ландо Норис, по што Норис остана без пласман. Пјастри, од друга страна, ја помина целта на четвртото место и ја зголеми разликата во генералниот пласман.
По 10 трки, Пјастри води во генералниот пласман со 198 поени, Норис е втор со 176 поени, Верстапен е трет со 155 поени, додека Расел е на четвртото место со 136 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

