Рашфорд најави заминување: Подготвен сум за нови предизвици…

Маркус Рашфорд ги подгреа шпекулациите дека би можел веќе во јануари да ги смени клупските бои откако 27-годишниот голгетер јавно проговори за плановите за иднината, потврдувајќи дека сериозно размислува за нов предизвик во кариерата.

Изјавата на Рашфорд следи по бројните медиумски пишувања дека тој ќе биде ставен на трансфер-листа веќе во зимскиот преоден рок, откако не го импресионираше новиот тренер Аморим, па ќе мора да си замине за да се отвори простор во буџетот за нови засилувања.

„За мене лично, мислам дека сум подготвен за нов предизвик, за нови чекори во кариерата. Едно треба сите да знаат, кога ќе си заминам, никој нема да се лути, никогаш нема да слушнете од мене да кажам лош збор за Манчестер Јунајтед. Тоа кажува каков човек сум јас… Знам дека ситуацијата не е добра и јас не планирам да ја влошувам. Видов како некои играчи си заминуваа во минатото, но јас нема да го сторам тоа на таков начин“, порача Маркус Рашфорд.

Тој воопшто не се најде во составот на Јунајтед за градското дерби со Манчестер Сити, уште еден голем удар од тренерот Аморим за одличниот голгетер.

„Секако дека беше разочарувачки да бидам изоставен за дербито, но тоа е што е, ја победивме таа средба и треба да продолжиме напред… Низ годините научив како да се носам со ваквите ситуации, можам да седам и да плачам, но јас повеќе сакам да работам и следниот пат да бидам во тимот“, изјави Рашфорд.

Се вчитува...