Финансиите не беа проблем за Челси изминатото лето, клубот од „Стемфорд Бриџ“ потроши речиси 300 милиони евра на засилувањата, но проблемите со коронавирусот и воигрувањето на играчите создаваат проблеми во југозападен Лондон.
Oваа сезона е со најслаб старт во ерата на Роман Абрамович со само 26 освоени бода на 17 одиграни средби, од кои само два се против петте најголеми ривали. Германскиот тандем Хаверц – Вернер, за кого беа потрошени речиси половина од средствата изминатото лето, воопшто не функционира, а најдобриот стрелец на тимот во 2020 година, Оливе Жиру е дури третата опција во нападот.
Неверојатен е и фактот дела „сините“ од големата сума потрошена на засилувања издвоија само 50 милиони за засилување на одбраната, најлошиот сегмент од играта во претходната сезона, а истите беа потрошени на Бен Чилвел. Со доаѓањето на Англичанецот се засили левата страна од теренот, меѓутоа повторно пропушта средниот ред каде ветеранот Тијаго Силва не може да одговори на високиот ритам на Премиерлигата. Во претходните три кола, Челси дозволи дури седум погодоци во својата мрежа, од кои три од Манчестер Сити и три од никогаш полошиот Арсенал.
Промена на тренерот никогаш не е лесна одлука, особено во случајот на Челси кој ја започнува новата ера со млад состав кој допрва треба да се воигрува, меѓутоа Роман Абрамович е познат по нетрпението. Лондонскиот состав претходната деценија промени дури седумина тренери, а колку долго ќе се задржи Лампард на клупата на „сините“ останува отворено прашање.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

