На рускиот евролигаш Химки му се заканува тотален колапс откако продолжи егзодусот од кошаркари кои решија да ја напуштат оваа екипа среде сезона. Причините се добро познати – финансиска криза го тресе овој некогаш пребогат клуб, кој сега не може да ги исполни обврските кон актуелните кошаркари, а токму поради овие долгови не доби дозвола од Евролигата за да регистрира нови засилувања.
Од денеска член на Химки повеќе не е Даирис Бертанс, откако летонскиот интернационалец реши да го раскине договорот со рускиот клуб и да ја почне потрагата по нов ангажман. Според руските медиуми, допрва следат црни времиња за Химки бидејќи куферите ги имаат спакувано и двајцата Американци, Џордан Мики и Ерик Меколум, кои на крајот од оваа седмица ќе си заминат од клубот.
Химки вечерва го пречекува Реал Мадрид, дуел на кој „кралевите“ се апсолутни фаворити ако се знае дека рускиот тим има скор од две победи и 23 порази во досегашниот дел од Евролигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА