Растур-систем: МЗТ покажа зошто е шампион на Македонија

МЗТ Скопје можеби се мачи во АБА2-лигата, но актуелниот првак е неприкосновен кога станува збор за македонскиот шампионат, каде „металците“ остануваат на првото место во пресрет на Супер-лигата. Моќта на тимот предводен од Ѓорѓи Кочов на своја кожа најдобро ја почувствуваа кошаркарите на Еуроникел, кои вечерва беа поразени во СЦ „Јане Сандански“ со убедливи 93-60.

„Сино-белите“ тргнаа фуриозно од самиот почеток, за неполни три минути игра предводени од Крстевски и Магдевски поведоа со 9-0, принудувајќи го гостинскиот тренер Самарџиев веднаш да побара тајмаут. Сепак, налетот на домашниот тим не беше запрен, а предноста на МЗТ се зголемуваше како што одминуваше времето. На полувреме се замина со резултат 43-31, а потоа „металците“ го декласираа Еуроникел во третата четвртина, добивајќи ја со 29-10. Победникот беше решен, двајцата тренери им дадоа шанса и на дел од помладите кошаркари, за на крајот мечот да заврши со убедливи 33 поени предност за актуелниот шампион.

Американецот Олуџоби беше во главна улога со 22 поени, капитенот Стојановски постигна 14 поени, а Крстевски заврши со дабл-дабл од 13 поени и 12 скокови. На спротивната страна, ниту еден гостински кошаркар не стигна до двоцифрен број на поени, а најефикасни беа Марцет и Караколев со по девет.

Се вчитува...