Ракометарите на Работник уште еднаш го демолираа Металург, овојпат на домашен терен со убедливи 41-28, за осигурување на второто место на табелата кое значи и учество во СЕХА-лигата за наредната натпреварувачка сезона. Битолчани во првиот круг го совлада Металург во „Автокоманда“, што им даде на избраниците на тренерот Алушовски уште поголема самодоверба во пресрет на денешниот дуел.
„Металурзите“ парираа дваесетина минута, колку што резултатот беше израмнет (9-9). Пресуден беше фуриозниот финиш на првото полувреме на битолските „фармацевти“, кои на одмор заминаа со убедливи 20-13, со што практично го решија и прашањето на победникот. Работник првото двоцифрено водство го имаше при 26-16, продолжувајќи во ист ритам се до конечните 41-28, за уште една потврда дека битолчани се доминантни во однос на сите ривали на македонската ракометна сцена со исклучок на шампионот Вардар.
Филип Кузмановски повторно беше кобен за својот поранешен клуб постигнувајќи девет погодоци, седум гола за Работник постигна Ѓукиќ, а пет Стјепановиќ. Во редовите на Металург најефикасни при убедливиот пораз беа Јагуриновски со осум и Маџовски со пет постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА