Ерик тен Хаг ќе ја доврши оваа сезона на клупата на Манчестер Јунајтед, но Сер Џим Ратклиф планира да донесе нов тренер во текот на летово како предводник на новиот проект под водство на британскиот милијардер. Како што јавува весникот „Дејли Мејл“, на врвот на листата со желби се наоѓа актуелниот англиски селектор Герет Саутгејт, кој има договор со ФА до крајот на оваа календарска година, но би можел да го раскине по завршувањето на ЕП 2024.
Според овие извори, Ратклиф во последните дваесетина дена разговарал со англиските репрезентативци од тимот на Јунајтед, како и со неколку легендарни фудбалери од минатото на овој клуб. Сите имале само позитивни зборови за способностите на актуелниот селектор, кој важи за тренер кој знае да го извлече максимумот од сите играчи кои ги има на располагање.
Новиот директор Ден Ешворт исто така ја поддржува идејата за преселба на Саутгејт на „Олд Трафорд“, двајцата имаа одлична соработката додека Ешворт работеше за Фудбалската Асоцијација. Саутгејт ја извршува селекторската функција уште од 2016 година, тој веќе доби понуда од ФА за нов договор, но поранешниот репрезентативец чувствува дека е момент за нов предизвик во тренерската кариера. Во една таква ситуација, понуда од клуб како Манчестер Јунајтед дефинитивно делува како топ-опција, па лесно може да се случи Саутгејт да го обелодени договорот со „црвените ѓаволи“ уште пред почетокот на ЕП 2024.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА